Студено утро низ Македонија, замрзна дел од Дојранското езеро

08.01.2015 09:28

Во 7 часот се измерени -16 степени во Берово, -15 Тетово, -14 во Куманово и Маврово, -13 Битола и Крива Паланка...

Замрзана дел од Дојранското езеро. Утрово е измерена температура од минус седум степени. Минусни температури низ цела Македонија. 
 
Најниската измерена температура на воздухот се движеше од -17 степени во Берово до – 8 во Гевгелија, а во Дојран се измерени -7 степени и предизвика смрзнување на Дојранското Езеро до 2 сантиметри длабочина, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
 
Во 7 часот се измерени -16 степени во Берово, -15 Тетово, -14 во Куманово и Маврово, -13 Битола и Крива Паланка, -12 Скопје-Петровец и Прилеп, -11 Скопје-Зајчев Рид, Демир Капија и Лазарополе, -10 Штип, Охрид, Кавадарци, Струмица, Виница и Крушево, -9 во Претор, -8 во Гевгелија до -6 во Дојран.
 
Во 7 часот висината на снежната покривка во Маврово била 48 сантиметри, 36 во Лазарополе, 25 во Крушево, 22 см во Пожаране, 20 во Ѓуриште, 14 во Претор, 13 во Охрид, 11 во Тополчани, 10 во Тетово, 8 сантиметри во Битола, 6 во Прилеп и во Крива Паланка, 5 см во Скопје-Зајчев Рид и 4 во Скопје-Петровец и Пожар.
 
Времето денеска ќе биде сончево и релативно студено со мала до умерена облачност и со слаб ветер претежно од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервалот од -4 до 4 степени.