Претседателот Иванов упати писмо со сочувство до францускиот претседател Оланд

08.01.2015 11:33

Со шокираност, длабока тага и со чувство на огорченост ја примив веста за масакрот во Париз и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички чин. Нападите против „Шарли Ебдо“ претставуваат и ги доживуваме како напад на демократијата, наведува во писмото претседателот Иванов...

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до претседателот на Француската Република, Франсоа Оланд, во кое изразува тага за загубените животи во масакрот во Париз.

Со шокираност, длабока тага и со чувство на огорченост ја примив веста за масакрот во Париз и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички чин. Нападите против „Шарли Ебдо“ претставуваат и ги доживуваме како напад на демократијата, како напад против принципите и слободата на мислата и на говорот, наведува во писмото претседателот Иванов.

Овој грозоморен чин, како што се нагласува во писмото, спроведен од поединците со затворени умови, чија цел е сеење страв и чувство на несигурност, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки на целиот демократски свет.

Иванов посочува дека Република Македонија силно ги поддржува глобалните напори за борба против тероризмот, и како и досега така и во иднина е подготвена да соработува со демократскиот свет во соочувањето со оваа закана како едно од најголемите зла на денешницата.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со граѓаните на Франција, вели во писмото претседателот Иванов.