НБА Лига

Антиќ незапирлив, Атланта никако да загуби

08.01.2015 12:14

Во шестиот последовен триумф на Хоукс, а вкупно 20-ти во последните 22 натпревара, Антиќ погоди три тројки од четири обида, имаше и еден прецизен шут за два поена и ги реализираше двете слободни фрлања...

Перо Антиќ одново имаше непроценлив придонес во уште еден победничко издание на Атланта во НБА Лигата. Со 13 постигнати поени за само 17 минути на паркетот против Мемфис, македонскиот интернационалец ја продолжи одличната низа настапи којашто се совпаѓа со феноменалниот период на неговиот тим во професионалната лига. Во шестиот последовен триумф на Хоукс, а вкупно 20-ти во последните 22 натпревара, Антиќ погоди три тројки од четири обида, имаше и еден прецизен шут за два поена и ги реализираше двете слободни фрлања. Ефектот го надополни со три скокови и со една украдена топка. Кошгетерски лидери на водечкиот тим во Источната конференција беа Џеф Тиг со 25 и Кајл Корвер со 14 поени. 

Побдничката серија не ја запираат ниту Детроит Пистонс. Седмиот последовен успех го остварија во Далас, 108-95, во мечот во којшто Грег Монро имаше импресивен биланс од 27 поени, 18 скокови и 6 асистенции.

Без Леброн Џејмс, Кливленд и понатаму тоне, а нов неуспех е домашниот пораз од Хјустон со 105-93. На погон на Двајт Хауард, којшто запиша 17 поени и 19 скокови, Рокитс со 13 разлика ја добија последната четвртина и тоа беше пресудно за епилогот.

Во преостанатите натпревари одиграни ноќеска: ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 114-89, Голден стејт – Индијана 117-102, Минесота – Феникс 111-113, Сакраменто – Оклахома Сити 104-83, Денвер – Орландо 93-90, Бруклин – Бостон 81-89, Чикаго – Јута 77-97, Филаделфија – Милвоки 77-97, Вашингтон – Њујорк 101-91 и Шарлот – Њу Орлеанс 98-94.