Лоренс Оер: Ние сме Шарли

08.01.2015 14:16

Амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер во обраќањето на денешната комеморација за загинатите лица во атентатот против Шарли Ебдо, истакна дека денес е Ден на национална жалост во Франција и во светот, во француските дипломатски и конзуларни претставништва...

„Шарли Ебдо“ ја отелотворува слободата на изразување на сите можни теми во Франција. Интелектуалната провокација е суштинска за градење на нашата мисла, на нашата демократија. Цртежот, хуморот се израз на една фундаментално право, слобода на мислење, истакна француската амбасадорка во Републија Македонија, Лоренс Оер на комеморацијата во Француската амбасада во Скопје.

„Напаѓајќи го Шарли Ебдо поради неговите ставови, напаѓачите сакаат да не застрашат, да ја замрзнат нашата мисла за да ја напуштиме денес идејата за слобода и утре идејата за демократија. Ние не го прифаќаме тоа варварство, ние никогаш нема да потклекнеме пред нетолеранцијата, пред тероризмот. Насекаде во светот, француските граѓани и сите носители на демократијата го креваат својот глас за тоа да го искажат“, нагласи француската амбасадорка.

Таа посочи дека би сакала да им оддаде омаж на Шарб, на Волински, на Тињус и на другите лица кои паднаа пред налетот на куршумите. „Ние сме Шарли“, нагласи Оер.