Поддршка за превод на 30 дела од македонски автори
08.01.2015 14:30
Оваа стимулативна мерка е дел од Националната стратегија за развој на културата. Во текот на 2014-та година беа поднесени 50 пријави од странски издавачи од 19 земји...

Романот „Храпешко“ од Ермис Лафазановски излезе на руски јазик. „Асхаровци“ на Трајан Петровски доби издание на српски. Ова се само дел од 30-те преводи на 23 македонски автори кои треба да бидат завршени во првата половина на оваа година, а се финансирани од минстерството за култура.
„Руските издавачи после оваа книга покажаа голем интерес за останатите дела“, рече писателот Лафазановски.
„Овој начин на афирмација на македонската култура беше нужно потребен. Јас навистина се чудам како досега никој не се сети како декаа една мала децимална лингвистичка заедница и е потребен ваков начин на афирмација“, изјави писателот Венко Андоновски.
Оваа мерка е дел од националната стратегија за развој на културата. Во текот на 2014-та година беа поднесени 50 пријави од странски издавачи од 19 земји.
„Оваа стимулативна мерка досега даде одлични резултати и обезбеди еден посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Изминатата година во областа на литературната и издавачката дејност се реализираа повеќе од 450 проекти. Од буџетот на Министерството за култура за вкупно 30 дела се доделени повеќе од 56.000 евра.
Александра Перевска
