Верските заедници со осуда за терористичкиот напад во Франција

08.01.2015 16:38

Само кога човек ја разбира религијата на погрешен начин или се искористува во политички цели, тогаш може да се говори за нејзина злоупотреба, вели отец Бобан Митевски...

Нема религија во светот што продуцира радикализам, што повикува некој да биде повреден или пак некому да му се наштети. Верските заедници во државава со осуда на каков било облик на насилство или тероризам.

Само кога човек ја разбира религијата на погрешен начин или се искористува во политички цели, тогаш може да се говори за нејзина злоупотреба, вели отец Бобан Митевски. Според него, радикализмот и искористувањето на религијата во друг контекст е целосно погрешено и никој не треба да ги злоупотребува верските чувства.

„Тоа ќе продуцира каков и да е одговор. Кај некого тоа може да биде преку пишан текст, преку медиумите, но имате и некој што ќе го злоупотреби за радикални цели и ќе одговори на начин на којшто не треба да се одговори. Тие ќе го земат тоа како еден вид причина, злоупотребувајќи ја верата да ја истераат својата агенда до крај“, изјави отец Бобан Митевски, МПЦ-ОА.

Нема оправдување чинот на насилство и тоа е за секаква осуда, велат од ИВЗ. Оној што направил злодело,треба да биде изведен пред лицето на правдата .Од Исламската верска заедница потенцираат дека насилството не е дел од исламот. Го осудуваат убиството на 10-те француски новинари и двајцата полицајци.

Жестоко ги осудувамe овие појави и повикуваме сите криминалци, без разлика на боја, националност и религија да бидат изведени пред лицето на правдата, затоа што сме убедени дека не постои религија во светот што ги оправдува овие акции и сличните на нив, се вели во писмената реакција од Исламската верска заедница.

Тој акт е далеку од принципите и учењата на Исламот и на христијанството, потенцираат од двете најголеми верските заедници во Македонија.

 

Милчо Велески