Уште два универзитети со поддршка за реформите во високото образование
Студентите да полагаат една половина од предметите во третата година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит. Овој предлог на штипскиот „Гоце Делчев“ беше прифатлив за Министерството и за Владата...

Уште два универзитети со поддршка за пакетот реформи во високото образование. Од охридскиот „Свети Апостол Павле“ сметаат дека новините ќе го унапредат квалитетот на образовниот систем во земјава.
Ректорската управа е задоволна што министерството го прифатило нивниот предлог, студентите кои нема да го положат првиот дел од држаниот испит по втората година да може да ги слушаат предметите од трета.
„Сите овие механизми се со цел да се добие еден покомпетитивен систем на високо образование, а подготвуваме уште неколку предлози и се надевам дека и тие ќе бидат прифатени“, изјави Нинослав Марина, ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Апостол Павле“- Охрид.
Студентите да полагаат една половина од предметите во третата година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит. Овој предлог на штипскиот „Гоце Делчев“ беше прифатлив за Министерството и за Владата.
„Ова е во релација со нашите одлуки и заклучоци на наставно-научниот совет на факултетите, на ректорската управа и на сенатот - да не се прекинува наставниот процес со државниот испит. Државата од своја страна, ако така оцени, има право да организира проверка на стекнатото знаење на универзитетите преку државни испити или други форми на проверка на знаењето“, смета ректорот на Штипскиот универзитет, Саша Митрев.
За Штипскиот универзитет темелна е определбата да се зголеми бројот на објавени публикации на професорите во реномирани научни списанија. Според ректорот Митрев овој предлог на владата е во целост прифатлив и е прецизно уреден во постоечките правилници на штипскиот универзитет за избор во наставно-научно звање.
УГД нема никакви пречки да ги поддржи измените во законот за високо образование, смета Митрев, кој во обраќањето до деканите и до другите членови на академската заедница посочил дека имаат право на сопствен личен став и мислење. Штипскиот „Гоце Делчев“ нема никакви задршки или институционални пречки од ректорот, ректорската управа или сенатот.
Викторија Тодоровска
