Јуниорите во Полска бараат виза за Мундијалот во Бразил
Влатко Неделковски како в.д. селектор се соочи со нов малер по откажувањето поради повреда на големиот адут на бековската позиција Марко Нелоски од Металург...

Сениорите на турнир во Нант одбројуваат до СП во Катар, а македонските ракометни јуниори утре во Полска го отвораат досието Мундијал Бразил 2015.
Влатко Неделковски како в.д. селектор се соочи со нов малер по откажувањето поради повреда на големиот адут на бековската позиција Марко Нелоски од Металург.
Во последен момент од составот испадна бекот на Пелистер Филип Кузмановски кој исто така не успеа да ја залечи повредата. На негово место шанса добива јуниорот на Пролет, Стефан Стојановски. Сега „ударна игла“ од надворешните позиции ќе биде повратникот од сениорската селекција, Филип Талески.
Ова ќе биде голем хендикеп за македонските јуниори кои се наоѓаат во тешка група заедно со нивните врсници од Франција, Полска и Чешка, од која само првопласираниот обезбедува место на СП во Бразил.
Утре во полскиот град Островијец Свејетокришки тргнува тридневниот турнир а Македонија за прв противник ја има селекцијата на Чешка.
В сабота нашите надежи се судираат со домаќинот Полска а ден потоа го играат последниот меч на квалификациите против Франција.
