Ракомет

Противник по мерка

09.01.2015 09:58

Во Нант алжирците допатуваа како актуелни африкански шампиони со генерација што по цели 18 години ја врати престижната титула во својата земја издигнувајќи го ракометот на рамниште на фудбалот во Алжир...

Со натпреварот против Алжир денеска од 20 часот и 45 минути во Нант егзибицискиот центар,нашата најдобра машка ракометна репрезентација го почнува завршниот дел од подготовките за настап на светското првенство во Катар.Турнирот што е традиција во Париз поради реновирањето на салата Берси за мундијалот во 2017-тата е преместен во Нант е одлична можност за нашата селекција за последна проверка пред стартот на шампионатот во Катар,за разработување на тактичките аспекти во играта, за увид во формата и за отстранување на евентуалните недостатоци . Алжир е вистинскиот противник за контрола на досега сработеното,особено што негува слична игра како и нашите први противници на светското Тунис и Иран. Во Нант алжирците допатуваа како актуелни африкански шампиони со генерација што по цели 18 години ја врати престижната титула во  својата земја издигнувајќи го ракометот на рамниште на фудбалот во Алжир. Со Франција имаат нераскинливи спортски конекции и постојано ја истакнуваат изјавата на францускиот селектор Клод Онеста дека моќната одбрана што ја играат французите е всушност модификација на играта на алжирката селекција во 80-тите. Тоа подразбира агресивна длабока зона,најчесто 3-3 и на моменти доста груба,што ќе биде одличен тест на нашите ракометари.

Во македонскиот табор атмосверата е одлична. Тензијата полека расте, во шега велат дека забраната за повреди и болести е веќе на сила, но и дека нема штедење во натпреварот против Алжир. Со мислите кон првиот мундијалски предизвик Тунис на 16-ти јануари во Доха,вечер против Алжир ќе атакуваат на победа,значајна за самодоверба и убеденост во своите можности пред светскиот шампионат на кој може да се обезбеди и шанса за настап на олимписките игри во Рио.

За подгревање на мундијалската атмосвера ,македонската телевизија вечер од 20 и 40 на првиот програмски сервис ќе Ви го понуди натпреварот Македонија – Алжир, а утре во зависност и од резултатот на дуелот Франција-Аргентина и мечот за пласман на турнирот во Нант.