Следните неколку месеци клучни за иднината на Европската унија

09.01.2015 11:41

Како да се спаси Европа од економската криза што прерасна и во политичка? Одговорот на ова прашање го бара европскиот врвен економист и публицист Карло Бастасин во второто продолжение од неговата книга „Спасување на Европа: Анатомија е еден сон“ презентирана во Вашингтон. Според екпсертот, идните неколку месеци ќе бидат клучни за иднината на Европската унија...

Економската криза во Европа не е завршена. Последиците од кризата од 2008-та до 2011-та се продлабочија, па Европа се наоѓа пред нова финансиска и политичка криза што прераснува во криза на демократијата во Европа, оценува европскиот економист и публицист Карло Бастасин. Според него, иднината на Европската Унија ќе зависи од изборите во Грција на крајот од јануари и исходот од гласањето во мај во Британија за евентуално излегување од Унијата.

„Ситуацијата не треба да се потценува. Има проблем со неевропски ориентираните партии како грчката Сириза и германската ПОДЕМ. Навистина сум убеден дека и лидерот на Сириза, иако не е проевропски, знае дека мнозинството од граѓаните сакаат да останат во Европската Унија за да имаат подобар живот“, вели Карло Бастасин-економист и публицист од Италија.

Надминувањето на кризата не може да се случи без политиката, па лидерите на политичките партии во земјите членки на ЕУ мора да најдат начин како да направат поцврста финансиска унија на сметка на националните интереси. 

„Капиталистичките пазари не фукционираат самите од себе. За економска динамика и раст неопходно е да има добра и функционална влада. Кога ги нема двете работи, ако нема добра влада или добар финансиски пазар, тогаш се создаваат големи проблеми“, смета Кемал Дервиш, експерт на Институтот Брукингс и поранешен министер за финансии на Турција.

Подемот на крајно десничарските и крајно левичарските партии во Европа како последица на економската криза, невработеноста и социјалната несигурност, може да се реши според Шведскиот модел на власт, каде владеачката партија во владата е поддржувана без услови од опозициската партија за да се создадат услови за економски раст.

Минатата недела, курсот на еврото во однос на американскиот долар падна на најниско ниво во последниве 9 години.

 

Ирина Гелевска