„Ние сите сме сами во ова“ на Ивановска и Чаловски ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале
Делото на авторите Ивановска и Чаловски ќе биде голема провокација за посетителите во Венеција, а овој проект достојно ќе ја презентира Република Македонија на овој светски настан, рече министерката Канческа...

Проектот со наслов „Ние сите сме сами во ова“ ќе не претставува на 56-то Биенале на уметноста во Венеција, дело на ликовните автори Христина Ивановска и Јане Чаловски, едногласно реши комисијата. Годинава Биеналето ќе се одржи од 9-ти мај до 22-ри ноември.
„Јане и Христина соработуваат од 2000 година. Нивните проекти оживуваат повеќеслојни концептуални можности, преку силни асоцијации кои ја преиспитуваат динамиката на уметничката дејност“, вели кураторот Маја Чанкуловска.
Ова е една од најстарите и најпрестижни светски манифестации. Голема, скоро непрекината изложба, чија единствена константа е постојаната метаморфоза на поставки и случувања. Можност за афирмација и промоција на македонската култура.
На конкурсот за учество на македонија на 56-та интернационална ликовна изложба во Венеција беа поднесени 5 проекти, од кои само три ги исполнија критериумите.
„Квалитетен и современо осмислен авторски проект, компатибилен со светските трендови на продукција. Проектот е содржински и ликовно високо изграден, и е лесно читлив за стручната јавност и пошироката публика“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Делото на авторите Ивановска и Чаловски ќе биде голема провокација за посетителите во Венеција, а овој проект достојно ќе ја презентира Република Македонија на овој светски настан, рече министерката Канческа.
Александра Перевска
