Уставните измени во завршна фаза

09.01.2015 15:09

Комисијата за уставни прашања ги утврди предлозите на 8-те уставни амандмани. Изјаснувањето за амандманите на пленарна седница, е закажано за 20-ти јануари...

Уставните измени влегоа во завршната фаза. Матичното собраниско тело даде зелено  светло што е виза за последната расправа и гласање во пленарната сала. На опсежна дебата за два од 8-те ставни амандмани, дефинирањето на бракот како ислкучиво на заедница меѓу еден маж и една жена, а правата што ќе призлегуваат од него и од вонбрачната заедница ќе се уредуваат со закон којшто се носи со двотретинско мнозинство, елаборираше заменик- министерката за правда.

„За ваквото редефинирање се земени предвид меѓународните стандарди во оваа област, односно одлуките на Европскиот суд за човекови права, односно Венецијанската комисија“, изјави Биљана Бришкоска- Бошкоски, заменик министер за правда.

Според ДПА власта наместо со приоритетите се занимава со маргинални теми. На сите критики упатени до ДУИ интегративците молчеа. Возврати ВМРО- ДПМНЕ, очигледно е  дека се разликуваме во перцепцијата на приоритетите. 

„Се однесувате како хомосексуалците да чекаат ред пред државните институции за да склучат брак“, рече Имер Алиу, ДПА.

„Длабоко сум уверен дека над 95% од граѓаните во РМ го делат ставот кој стои како уставен амандман“, смета Ромео Тренев, ВМРО-ДПМНЕ.

Амандманот 34 создава уставна можност за основање на меѓународни финансиски зони. Функционирањето ќе биде уредено со Закони кои ги исполнуваат највисоките стандарди. И за овој амандман, појасни Бришкоска ставовите се усогласени со Брисел. Според ВМРО- ДПМНЕ ова ќе значи можност за влез на нов капитал кој ќе го намали и  бројот на невработените.

„Кога ќе се соочат со фактите, односно со функционирањето на овие зони ќе го сменат своето мислење, исто како што имавме значаен број на скептици кога прв пат ги воведувавме слободните технолошко- индустриски развојни зони и кои овие години ја покажаат својата ефикасност“, изјави Александар Николовски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто Република Македонија да не се обиде, барем малку, колку што можеме, во делот на финансиите да го направи она што успеа да го направи Република Ирска“, рече Влатко Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ.

Со преостанатите амандмани, Народната банка се преименува во Централна банка на РМ.  ДРЗ се дефинира како самостоен и независен орган. Во фискалната политика дефицитот е проектиран најмногу на 3%, а јавниот долг на 60% од БДП при носењето на годишниот буџет. Во Судскиот совет, министерот за правда и првиот човек на Врховниот  суд нема да се членови по функција, и се создава можност за тужба и жалба пред Уставниот суд.

 

Виолета Димовска