Расте поддршката за реформите во високото образование

09.01.2015 16:37

Уште 8 професори дадоа поддршка за реформите во високото образование. Тие им се приклучија на нивните 200 колеги кои се дел од Иницијативата за поддршка на знаењето во високото образование...

Марија Ристевска, Елизабета Попева- Рамова,  Смиља Туџарова- Ѓоргова,   Маријан Стевановски,  Росе Смилески,  Методи Хаџи Јанев, Славко Ангелевски и Елениор Николов се новите членови на Иницијативата за поддршка за реформите во високото образование. Им се приклучија на нивните 200 колеги чиј став е дека знаењето основна движечка сила во секоја професија, клучна енергија којашто го движи светотот напред.

Како одговорни граѓани, не смееме да останеме неми пред обидите за тесна политичка манипулација на високото образование во Република Македонија. Цврсто убедени дека воведувањето на државниот испит во високото образование ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува, со индигнација ги отфрламе сите инсинуации дека со воведувањето на државниот испит се правел упад во автономијата на универзитетот, пишува во Иницијативата. 

Професорите во иницијативата наведуваат дека универзитетската автономија со државниот испит нема да се наруши бидејќи ќе биде спроведуван од Одборот за акредитација кој ќе биде формиран  од парламентот.

„Не е добро ниту за студентите, ниту за државата да се произведуваат генерации студенти кои формално имаат дипломи, но немаат суштинско  знаење. Со оваа иницијатива велиме „не“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование. Велиме гласно „не“ за купените дипломи; „не“ за оценките со протекции; „не“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „да“ за знаењето и за квалитетот во високото образование“, пишува во Иницијативата.

Основната цел на оваа мерка, посочуваат професорите, е подобрување на вкупниот квалитет на македонското високо образование во полза на студентите и на професорите.

 

Викторија Тодоровска