Водици како христијанска атракција: Најавени илјада пливачи по крстот

10.01.2015 16:43

Охрид очекува над триесет илјади гости за верскиот празник Богојавление- Водици. Несекојдневиот верски обред, богатата програма, намалените цени на хотелските услуги за триесет до педесет проценти и кумството на музичката ѕвезда, Жељко Јоксимовиќ ќе придонесат Охрид да биде полн како во текот на летната сезона...

На спектакуларниот црковен церемонијал на празникот Богојавление-Водици годинава по светиот крст ќе запливаат над илјада лица. Покрај охриѓани во ладните езерски води ќе има и голем број верници од земјата и странство.

„Минатата година беа пријавени околу 1.150 капачи, од кои стотина беа од други земји. Еден гостин од Шпанија е повторно најавен и еден од Чешка. Мислам дека таа бројка повторно ќе се движи околу 100-150 скокачи по крстот што се надвор од нашата држава“, изјави Митко Пендов - Здружение „Богојавление“.

Богатата петдневна програма и цените за ноќевање со доручек од 10 до 25 евра за едно,односно две лица ќе придонесат во Охрид да дојдат над 30.000 гости.

„Најголем дел од гостите оваа година ќе бидат од соседните држави. Најголемиот број од нив ќе дојдат од Бугарија и Србија, секако дека не помал број на гости ќе има од Албанија,а се очекува и голем број на гости од Грција“, вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Магнет за туристите секако ќе биде и присуството на балканската музичка мега звезда Жељко Јоксимовиќ,кој во Охрид ќе допатува со семејството и пријателите.

Тој и македонскиот бизнисмен, Зоран Милески ќе го примат кумството на 17-ти јануари во црквата Свети Никола Геракомија.

 

Сашо Нелоски