Опасна зима: Зголемен број скршеници на екстремитетите

09.01.2015 16:59

Само за девет дена од Нова година, 50 прилепчани се здобија со скршеници. Градските власти и комуналец со голема акција за чистење в недела. Според инспекцијата – нема казни- чистеле дуќанџиите и граѓаните. Тротоарите остануваат најопасни за движење...

Студена и опасна зима за прилепчани. Барем петмина дневно од Нова година ги почувствувале последиците – скршеници на нозете, рацете. На ортопетското одделение во болницата - полни раце работа. Амбулантно и хируршки се интервенирало.

„Околу 50 пациенти имаат побарано помош кои се регистрирани со рендген снимки и докажано е дека имаат фрактура. Шест- седум случаи се со скршеници од Нова Година наваму и тие се оперирани“, вели Даница Васиќ, главна сестра, ортопедско одделение.

Посебна умешност е движењето по тротоарите.

„Тешко за старите, а слабо е расчистено... Леб да си купиш ти треба еден час одење и еден час враќање... Расчистено е на поглавните улици, кај нас не е расчистено... Возила ставаат на тротоарите, а народот не може да помине...“, велат анкетираните прилепчани.

Мермерот на плоштадот „Александрија“, велат прилепчани е едно од најопасните места каде имало скршеници.  Добро е што се сетиле да постават патеки, а според граѓаните најопасни остануваат тротоарите.

Локалните власти сметаат дека ги исчистиле главните сообраќајници

„Се трудевме крвотокот на градот, кој го формираат овие  главни сообраќајници да бидат наполно чисти и употребливи за тековен сообраќај. Второстепените и третостепените улици во градот се трудиме да ги опесочиме“, вели Бранко Нешкоски од локалната самоуправа.

Од Комуналец велат дека ги чистат јавните површини, има патеки за движење. Температурите под нулата не дозволувале механизацијата да ги расчисти плоштадите. Од инспекторатот немаат изречени казни. Чистеле дуќанџиите и граѓаните.

„Не мора за казните, туку за муштериите и за себе си да расчистиме“, велат дуќанџиите.

В недела, пред новиот најавен бран снег, градските власти и Комуналец планираат голема акција за расчистување на снегот и мразот.                         

 

Елизабета Митреска