Промовирани 10 нови наслови од проектот 1.000 стручни и научни книги

09.01.2015 16:38

Се планира секоја година дополнително да се преведуваат по 50 книги, по барање на универзитетската фела...

Преведени нови 10 изданија, од кои се учи на еминентни светски универзитети. Досега се преведени 907 дела. Се планира секоја година дополнително да се преведуваат по 50 книги, по барање на универзитетската фела.

Ние како Влада сме секогаш отворени за добри идеи и предлози и бидејќи овој предлог е во целост компатибилен со нашата цел, а тоа е што поквалитетно образование и што посилни основи на нашите студенти и научници решивме да го прифатиме и да го надополниме проектот. Согласно оваа одлука, годинава ќе бидат преведени дополнителни учебници од три области и тоа педагогија, земјоделство и медицина, рече на промоцијата на 10-те нови наслови од овој проект премиерот Никола Груевски.

Додаде дека денеска промовираните нови книги на сите студенти, професори, научници и заинтересирани од државниот и приватниот сектор ќе им понудат нов поглед на светската наука, еден нов збир на вредна литература и, како што рече, несомнено ќе ги зајакнат изворите на знаење и вештини во Република Македонија.

Верувам, рече Груевски, дека тие ќе станат дел од општествениот интерес, проучувањата, позитивните критики на научната јавност и приоритетна литература во предавањата на факултетите низ нашата земја.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски потенцира дека оваа промоција претставува чекор напред кон реализација на една од најголемите инвестиции во македонскиот високообразоваен систем и науката која придонесува за збогатување на фондот на современа стручна и научна литература.

Книгите изобилуваат со најнови информации, современи достигнувања, анализи, техники и методи, со што на македонските студенти им е овозможено и достапно, сето она што впрочем им е достапно и на студентите од највисоко развиените земји на глобалниот образовен простор, рече Ристовски.