Чешка не отпиша од трката за Бразил
Македонските јуниори беа рамноправни само дваесетина минути од мечот. Само еднаш водеа, со 3-2 во 5-та минута, но по 8-8, дозволија противникот да побегне на плус пет...

Нашите ракометни надежи пак, оние коишто за некоја година ќе треба да ја наследат најуспешната генерација на сите времиња во „A“ репрезентативниот тим, загубија од врсниците од Чешка со 33-22, на стартот од квалификациите во полскиот град Островјец, за пласман на Мундијалот во Бразил.
Македонските јуниори беа рамноправни само дваесетина минути од мечот. Само еднаш водеа, со 3-2 во 5-та минута, но по 8-8, дозволија противникот да побегне на плус пет. Се созедоа пред паузата, на којашто Чешка имаше 14-12, но потоа следуваше нов голем пад во играта, по којшто немаше враќање. Во вториот дел избраниците на селекторот Влатко Неделковски постигнаа десет, а примија 19 гола.
По овој неуспех од 33-22 против Чешка, невидено чудо треба да се случи во преостанатите две средби, утре со Полска и в недела со Франција, за Македонија да заврши прва во групата. Тоа е единствен начин да се избори пласман на првенството во Бразил претстојното лето.
