Победничко деби на новиот тренер Александар Јончевски во АБА Лигата

МЗТ Скопје го „скрши“ унгарското проклетство со гостински триумф над Солнок

09.01.2015 22:19

Ѓаволската 6-ка нека биде среќна за Металците, нека значи пресврт во најтурбулентната година, што сино-белите ја живеат на Јадранот...

Шеста победа за МЗТ Скопје Аеродром, во 17-та рунда од АБА лигата. Втор пат сезонава и прв пат во три дуели на гости, беше совладан Солнок. Ѓаволската 6-ка нека биде среќна за Металците, нека значи пресврт во најтурбулентната година, што сино-белите ја живеат на Јадранот.

А може ли нешто, за МЗТ да биде лесно?

Гостите имаа позитива од 16 поени пред крајот на првото полувреме, дозволија со серија од 10:0 да бидат загрозени на стартот на второто. Константно беа во предност во текот на целиот натпревар, во финишот домаќинот се доближи на 70:71. Присебноста на Цветковиќ, по неочекуваните две промашувања од линијата за слободни на Синовец, беа пресудниот момент во инфаркт натпреварот во Унгарија.

Урош Лучиќ со 20 поени и со 8 скокови, статистички беше првото име кај МЗТ Скопје. 14 поени од кои 4 тројки, постигна Шеховиќ, три врзани кога се градеше предноста на почетокот на мечот. Самарџиски постигна 11, Диксон 10, а јунакот Цветковиќ, со многу симболика – 6 поени.

Возбудувањата во АБА лигата продолжуваат утре, во 21 часот, со пренос од соочувањето на екипите од врвот на табелата, Партизан и Унион Олимпија.