„Њујорк тајмс“: Македонија- земја што треба да се посети во 2015 година

10.01.2015 11:27

Весникот ја вброи Македонија, помеѓу топ 52 дестинации кои ги препорачува на своите милионски читатели да ги посетат оваа година...

Секоја година познатиот американски весник „Њујорк тајмс“ составува листа на земји кои треба да се посетат. Годинава, весникот ја вброи Македонија, помеѓу топ 52 дестинации кои ги препорачува на своите милионски читатели да ги посетат.

Македонија е сместена на десеттото место, во друштво на светски познатите туристички атрактивни земји, како Куба, Чиле, Сингапур, Националниот парк „Јелоустоун“ и егзотичните острови Сент Винсент и Гренадини.

„Њујорк тајмс“ пишува дека Македонија е најактуелната балканска дестинација, позната по своите единствени манастири и бистрото Охридско Езеро. Весникот наведува дека секој од посетителите може да најде по нешто атрактивно, како искачување на Шар Планина и нејзиниот алпски изглед, или да ужива во прекрасното вино од локалните произведувачи, или во традиционалната кујна по пристапни цени.