Крушево очекува економски раст со новата индустриска зона
Околу зоната гравитираат околу 4.000 жители вклучувајќи ја и општина Кривогаштани, со што на сите инвеститори може да им се обезбеди квалитетна работна сила...

После децении и Крушево за прв пат доби своја индустриска зона. Таа е лоцирана на доста атрактивна локација, на самиот регионален пат Прилеп – Крушево, кај селото Алданци, а ќе се простира на 12,5 хектари. Оваа пролет треба да биде распишан и тендерот за продажба на локациите. Предвидено е зоната „Опаленик“ да има 8 парцели, а почетната продажна цена за метар квадратен ќе биде едно евро.
„Има различна големина на парцели од 6 декари најмлата, па се до 12 декари најголемата парцела. Тука е планирана и комплетна инфраструктура, патишта, електрична енергија, водоводни системи, ќе има и пречистителна станица за отпадните води. Оваа зона ќе биде наменета за лесна и незагадувачка индустрија“, вели Коста Мицкоски, раководител на ЛЕР во општина Крушево.
Отворањето на оваа зона ќе придонесе за зголемен економски развој на Крушево, и пред се стопирање на миграцијата.
„Ние како општина сме подготвени да ги дадеме сите бенефити на потенцијалниотн инвеститор, вклучувајќи и ослободување од плаќањето на комуналии, дури како локална самоуправа би ја откупиле и парцелата за потенцијалниот инвеститор доколку тој вети дека ќе вработи минимум 50-тина лица“, изјави Ѓорѓи Дамчески градоначалник на Крушево.
Околу зоната гравитираат околу 4.000 жители вклучувајќи ја и општина Кривогаштани, со што на сите инвеститори може да им се обезбеди квалитетна работна сила.
Изградбата на инфраструктурата во оваа зона се очекува да започне напролет, а тоа финансиски ќе биде поткрепено со средства од Општината и средства од Владата на Македонија.
Во зоната веќе функционираат два преработувачки капацитети од дрвната индустрија.
Дарко Штаргоски
