Над 5.000 пензионери бесплатно на бања

10.01.2015 16:16

Преку проектот се подобрува квалитетот на живот на пензионерите и старите лица, но ќе има позитивни ефекти и за развој на бањско- климатскиот туризам во земјава...

Катланово, Дебар, Гевгелија и Бања Банско од март до ноември. Годинава во буџетот се обезбедени 38 милиони денари за рекреирање на над 5.000 пензионери. Ќе користат 6 полни пансиони, ноќевање со три оброка, бањска терапија, здравствен преглед и превоз.

„Покрај тоа што ќе бидат опфатени сите пензионери, своевиден приоритет ќе биде даден на пензионерите кои во текот на својот работен стаж работеле во рудници, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок степен на општа неспособност за работа“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Преку проектот се подобрува квалитетот на живот на пензионерите и старите лица, но ќе има позитивни ефекти и за развој на бањско- климатскиот туризам во земјава.

„Средствата кои се искористуваат за оваа намена, за покривање на трошоците за овој проект, и кои државата ги исплатува кон бањите се средства кои претставуваат значително учество во вкупниот обрт на средства во бањите, и на тој начин се помага за обезбедување на работа за бањите, за нивната дејност, за задржување на постојните, но и за отворање на нови работни места“, нагласи Ѓорѓиев.

Огласот за бањско климатска рекреација ќе биде објавен до крајот на месецов, а ќе може да аплицираат сите пензионери  заинтересирани да ја користат оваа услуга. За 4 години 27 илјади 430 пензионери ја искористиле можноста бесплатно бањски да  рекреираат.

 

Свето Николовски