Нова група професори со поддршка за реформите во образованието, предлог- законот оди на пленарна седница

10.01.2015 16:54

Нова група професори се потпишаа на Иницијативата за реформи во високото образование. Во Собранието заврши амандманската расправа. Заменик-министерот Спиро Ристовски вели дека имало доволно време за дебата и за сугестии за да се донесе квалитетно решение за реформи во високото образование...

Нова група професори на Иницијативата за подршка на реформите во виското образование. Потпис ставија Невен Трајчевски, Митко Богданоски, Зорка Николова-Тодоровска, Рада Ацковска, Билјана Петровска,  Билјана Богданова- Попов, Викторија  Стојчевска, Панче Дамески. Со тоа, бројот на поддржувачите на новините надмина 220.

Во Иницијативата на која се потпишуваат меѓудругото се вели:

„Не е добро ниту за студентите, ниту за државата да се произведуваат генерации студенти кои формално имаат дипломи, но немаат суштинско  знаење. Со оваа иницијатива велиме „НЕ“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование. Велиме гласно „НЕ“ за купените дипломи; „НЕ“ за оценките со протекции; „НЕ“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „ДА“ за знаењето и за квалитетот во високото образование. Тоа е нашата мисија.“

Во Собранието заврши амандманската расправа за новините во високото образование..

„Се предлага бришење на овој член со кој се прдвидува ректор на универзитетот да може да биде лице кое е и странски државјанин, затоа што сметаме дека тоа е во спротивност со нашата законска регулатива за вработените во јавниот сектор, а повлекува и редица несакани негативни последици во примената“, изјави пратеничката Лилјана Поповска.

„На овој начин, со оваа аргументација, апсолутно треба да им се скари можноста на факултетите кои се поврзани со информатичките науки, електро, машински и природни науки, да се отвори можност, да се донесе меѓународно искуство, конкуренција, јас не знам динамиката на овој член каква би била, може да се случи во слесните 3-4 години да не се донесе ниту еден декан странец. Но, да се укине можноста со едно вакво објаснување за мене е неразбирливо“, смета Илија Димовски.

Заменик-министерот за образование вели дека дебатата траела неколку месеци и имало доволно време за сите сугестии и предлози.

„Имаме состојба во која три месеци се разговара за овој закон. Последните денови бевме сведоци на дебата која беше реализирана во Собранието, на која не присуствуваа, иако дебата во Собранието беше по нивно барање, професорите кои се декларираат против било каква реформа“, изјави заменик- министерот за образование, Спиро Ристовски.

Студентите да можат да полагаат една третина од исптите од трета година иако го немаат положено државниот исппит, да се воведе јавен регистар на авторски трудови во меѓународни научни списанија што се дел од базата  „Веб оф сајанс“, да се преземат студиските програми од најдобрите сродни европски и светски универзитети според шангајската листа – ова беа само дел од сугестиите на универзитетите од земјава кои се прифатија.

Предлог-законот сега оди на гласање на пленарна седница.

Миле А. Ристески