Семејството Ивановски доби клуч од новиот стан- „Фискална во рака, награда без мака“ продолжува и годинава

10.01.2015 17:08

Клуч на рака за новиот стан доби битолчанецот Трајан Ивановски, кој имаше најмногу среќа на наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“. Играв од почеток, но не се надевав на премијата- вели тој. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески најави дека наградната игра продолжува и годинава...

Битолчанецот Трајан Ивановски влезе во станот во скопската населба Јане Сандански, што го доби на наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“. Министерот Ставрески денеска му ги додели клучевите. Семејството Ивановски не ја криеше среќата, велат дека играле од почетокот, но не се надевале на главната награда.

„Среќа си е среќа. Им благодарам на сите присутни, посебно на министерот и да продолжи да се наградуваат граѓаните“, рече Трајан Ивановски.

Минатата година над 6 ипол милиони коверти биле испратени за учество во наградната игра, а само на последното коло во декември имало вкупно 1 650 000 пликоа со фискални сметки.

„Наградната игра во целост ги исполни нашите очекувања, предизвика огромен интерес, им донесе радост на голем број на луѓе, и сите заеднички учествуваме во изградбата на инфраструктурни и други проекти кои се финансираат со средствата коишто се прибират од плаќањето на даноци“, изјави министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Министерот Ставрески најави дека наградната игра продолжува и во текот на 2015-та.

Изминатава година додека траеше наградната игра беа доделени 3 стана, 3 деловни простори и 13 автомобили. Покрај главните награди околу 2 илјади луѓе ширум целата земја добија и вредносни ваучери.

Од понеделник во Министерството за финансии се отвора и канцеларија за проектот „Купи куќа, купи стан“. На едно место граѓаните ќе добиваат информации каде можат да најдат слободни станови под 900 евра за квадрат, какви се условите за аплицирање, од кои банки можат да добијат кредити и колкава ќе биде помошта од државата.

 

Сунчица Николовска