Прилеп доби дневен центар за деца во социјален ризик

10.01.2015 18:35

И Прилеп доби дневен центар за згрижување на деца во социјален ризик. Досега се регистрирани 15 деца кои ќе добијат целосна грижа и враќање во образовниот систем. Проектот е на Министерството за труд и социјална политика и тежи 4,5 милиони денари. Во земјава се регистрирани 100 деца на улица...

Многу грижа и внимание, топол оброк,  ресоцијализирање и враќање во образовниот систем ќе добијат 30 ина деца од Прилеп. Отворен е Дневен центар за згрижување деца во социјаелн ризик. Досега, во Прилеп се регистрирани 15 вакви деца од 4 до 14 години. Од идната недела ќе се згрижат првите шест.

„Колку порано можеме да ги вклучиме во овој дневен центар, толку сметаме дека ефектите од престојот овде ќе бидат поголеми , затоа што полењсно потоа ќе можеме да ги вклучиме во процесот на образование“, вели Снежана Јованоска,  од Центарот за социјални работи во Прилеп.

Министерството за труд и социјална политика лани во земјава регистрирало 100 деца во социјален ризик. Отворени се три центри во Скопје и еден во Битола.

„Ќе значи значително поголема поддршка на децата кои се на улица или на децата од материјално необезбедените семејства. Тоа е проект на Министерството за труд и социјална политика. Градежните зафати за целосно реновирање и ставање во функција на овој објект чинеа 3,5 милиони денари и дополнително околу еден милион денари беа потребни за негово опремување“, вели министерот Диме Спасов.

Прилеп нуди секаков вид помош.

„Гледаме понатаму голем дел руинирани објекти кои се под капата на лојкалната самоуправа, а ги има низ градот, да бидат реконструирани и наменети, не само за оваа категорија деца, туку и за други ранливи категории  на деца“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

В година ќе се отвори и шестти Дневен центар за децата во социјален ризик во западна Македонија.

Елизабета Митреска