УЈП објави нова листа на должници
11.01.2015 13:50
На листата се должници за кои вкупниот износ на долг е над 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност и над 300.000 денари за правните лица...

Управата за јавни приходи објави нова Листа на должници која опфаќа физички и правни лица со долгови доспеани до 30 септември 2014 година и неплатени до 31 декември 2014 година, а по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата се должници за кои вкупниот износ на долг е над 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност и над 300.000 денари за правните лица.
Листата на должници се објавува на веб страницата на Управата за јавни приходи согласно член 9 од Законот за даночна постапка.
Доколку даночниот обврзник не се согласува со објавените податоци за долговите по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, може да се обрати до надлежната регионална дирекција на УЈП.
За објавените долгови по основ на акцизи, царини и ДДВ при увоз, граѓаните и фирмите можат да се обратат до Царинска управа -Одделение за наплата на приходи, буџет, гаранции и анализа.
Објавувањето на листата на должници се прави еднаш месечно, најдоцна до 10-ти во месецот.
За секој должник ќе бидат исклучени долговите кои се утврдени со даночни акти, а за кои се води управна или судска постапка, како и долгови за кои е одобрено одложено плаќање.
На листата доминираат компании со седиште во Скопје и неговата околина. Како најголем должник се појавува компанијата ЕЛ ДОН КАСТИЛЛО АНГЕЛ Д.О.О.Е.Л. ЕКСПОРТ-ИМПОРТ СКОПЈЕ, која должи 1.121.522.391 денари.
Листата можете да се најде на веб страната на УЈП.
