Субвенционирање на напредни земјоделци за развој на аграрот
Современо опремените пластеници, со адекватно незагадувачко загревање, материјали, наводнување и семиња се иднината на нашето земјоделство. Затоа општина Kривогаштани ќе субвенционира неколкумина напредни земјоделци со средства за развој на нивниот аграр...

Иднината на македонското земјоделство е во изградбата на пластеници за одгледување на земјоделските култури. Sо помалку работа, и на далеку помала површина се добива двојно, повеќе профит и количество. земјоделците велат дека вака се добива поквалитетен производ, кој се продава поскапо, и тој е заштитен од болести.
„Јас имам мал оранжер од околу 10 метри квадратни и доста сум задоволен, заработувам добри пари, од само 10 метри квадратни оранжер произведувам и по 500 килограми на домати“, вели Јовица Попоски, земјоделец.
Производството на земјоделските култури под пластеник и на отворено е во соодност 3 спрема 1, односно ако на еден декар под отворено се приозведат 3 тони на земјоделски култури, под пастеник под истата таа површина еден земјоделец би произвел од 7 до 8 тони земјоделски култури.
За еден декар со пластеници со систем капка по капка се потребни околу 2.000 евра, инвестиција која се враќа уште првата година, затоа што 90 % од производството е прва класа.
„Имаме поквалитетен зеленчук, имаме ран зеленчук кој може да се пласира порано тука кај нас на пазарите или пак на пазарите во Европа“, вели Рубинчо Благадуша, откупувач на зеленчук.
Токму затоа општина Кривогаштани ќе субвенционира 10-тина земјоделци кој ќе ги опреми со по половина декар со пластеници. Тие ќе бидат уредени со систем капка по капка и поврзани со електрична енергија за ноќна работа. Може да конкурираат сите земјоделци, но ќе има одредени критериуми.
„Ќе одиме со оние лица кои примарна дејност им е земјоделството и кои се регистрирани како индивудуалини земјоделци, а исто така предност ќе имаат и тие кои ќе можат да засадат земјоделски култури под пластеник и веднаш до него на отворено за да се види бенефитот и разликата од тоа“, истакна Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.
Конкурсот ќе биде распишан наредниот месец.
Дарко Штаргоски
