Професорите поддржувачи на реформите, со писмо до еврокомесарите Хан и Навранчич

11.01.2015 16:59

Професорите кои се потпишаа на граѓанската Иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование испратија писмо до еврокомесарот за проширување на Европската унија, со кое даваат поддршка за реформите кои треба да го зголемат квалитетот во високото образование. Писмото на професорите доаѓа откако претходно претставници на „Професорскиот пленум“ испратија допис до Наврачич и Хан...

Повеќе од 250 универзитетски професори кои ги подржуваат новините во високото образование, преку писмо во 12 точки ги информираат еврокомесарите за проширување и образование, Јоханес Хан и Тибор Наврачич за реформите кои се превземаат во однос на подобрување квалитетот во образовниот процес.
 
„Нашето академско ниво не ни дозволува да ја прифатиме, а уште помалку да ја премолчиме политичката и тесно-партиската игра на нашите колеги за дискредитација и негирање на искрените намери на власта да направи суштинска реформа во образовниот систем на Република Македонија“, велат професорите.
 
Реформата има за цел да го подигне нивото на квалитетот на студирањето во земјата, да го засили квалитетот на професорските способности и капацитети кои ќе овозможат нивна поголема видливост во европскиот научно-истражувачки простор – појаснуваат професорите, уверувајќи ги еврокомесарите дека реформите во високото образование се целосно во согласност со европските стандарди за квалитет во високото образование. Автономијата на универзитетите не е доведена во прашање се констатира во дописот.
 
Невистина е дека се напуштаат принципите на болоњскиот процес. Целата на реформите е модернизирање на високото образование по теркот на најсовремените европски и светски универзитетски центри.
 
„Основната цел на предложените реформи во високото образование е да се подобри вкупниот квалитет на македонското високо образование, пред сé, во полза на студентите, на професорите, но и на севкупниот економски, правен, политички и општествен развој на република македонија. Во услови кога ЕУ сé поевидентно стимулира и конципира нови и нови програми за унапредување на иновативноста и техничко-технолошкиот развој, Република Македонија не смее да остане надвор од тие политики само затоа што одредена група професори не сака да си го наруши сопствениот комодитет“, пишува во писмото на професорите.
 
Се одржаа дебати на кои нашите колеги противници на реформите не сакаа да присуствуваат. Голем број предлози од универзитетите се веќе вметнати во законското решение за високото образование пишува во писмото на професорите кои на еврокомесарите им ја објаснуваат постапката на носење закони во македонското Собрание како и тоа дека  собранието ќе ги избира членовите на  одборот за акредидација.
 
Ние не се согласуваме да останеме во затворениот круг и да ја поддржуваме неработата. Ние сакаме нови хоризонти, нови знаења, нови предизвици. Тоа не е само наше право, туку и наша голема обврска, го завршуваат писмото универзитетските професори кои ги подржуваат реформите во високото образование.
 
 
 
Миле А. Ристески