Груевски на глобален самит во Индија: Македонија е фокусирана на добрата бизнис клима

11.01.2015 17:23

Индиските компании се добредојдени да инвестираат во Македонија, порача премиерот Никола Груевски, на денешната средба со својот индиски колега Нарендра Моди на маргините на глобалниот самит „Вибрант Гуџерат“ што се одржува во Индија...

Присуството на светски политичари и економски лидери како и учеството на голем  број академици и експерти го прават овој Самит одличен форум за дебата, за  споделување на знаењето и за зајакнување на врските- дел од обраќањето на премиерот  Груевски на Глобалниот самит во Индија. Земјата домаќин е една од најбрзорастечките  економии во светот и значително придонесе на растот на светската економијата во периодот на глобалната економска криза.

Говорејќи за македонската  економија, претседателот на владата ги потенцираше постигнатите резултати кои се препознаени од Светската банка која не рангира на 30 место во светот од 189 економии. Македонија е број еден во светот по најниските даноци и сето ова веќе го  препознаа голем број на компании кои се одлучија да инвестираат во Македонија, изјави Груевски.  

„Во глобалниот  свет можностите не доаѓаат сами од себе. Тие треба да се креираат. Затоа потребно е да се биде иновативен и да се продолжи со унапредувањето на  перформансите и можностите. Тоа беше и движечката сила на сите клучни политики кои се спроведоа во последните неколку години во Македонија. Со особен фокус на  овозможување на добра бизнис клима, инвестирање во  инфраструктурата, поддршката и силни реформи во образованието и администрацијата и подршка на иновациите, технолошкиот развој и владеењто на правото“, изјави премиерот Груевски.

На самитот во Индија за првпат учествуваат САД, Велика Британија, Јапонија, Холандија, Канада, Австралија и Сингапур. Според државниот секретар на САД, Џон Кери - екомските односи се посилни од се. Порака на самитот и од генералниот секретат на ОН.

„Ова е вистината и ова е она што е важно од еден ваков самит- можеме да направиме многу повеќе сите заедно и мора да направиме и мора многу, многу побрзо и затоа сум, тука, затоа што ве уверувам дека економските односи се  посилни во секој поглед“, рече државниот секретар на САД, Џон Кери.

„Индија е држава која е крстосница и порта кон светот. Денес со овој самит треба да биде и крстосница каде технологијата ќе придонесе за зачувување од климатските промени, одржување на обновливите извори на енергија и каде младите ќе се  сретнат со работодавачите“, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Самитот во Ахмадабад отворен од страна на индискиот премиер, Моди.

„Почитуван премиер на Македонија, почитуван државен секретар на САД, генерален  секретар на Обединетите нации, претставници на делегации- среќен сум што сите од вас одговорија позитивно и дојдоа на овој самит“, рече во својот говор премиерот Моди.

Во македонскиот и индискиот менталитет срдечноста е една од заедничките нитки, порача премиерот Груевски. 

„Големото чувство за гостопрмиството и срдечниот менталитет се уште една точка која ја споделуваме со нашите индиски пријатели, исто како што ја споделуваме една од најхуманите личности кои ја одбележаа нашата ера - Мајка Тереза родена  во Македонија, во Скопје и почитувана во Индија и во светот“, додаде Груевски.

Седмиот по ред самит во Индија се затвора на 13-ти јануари.

 

Виолета Димовска