Индиските компании се добредојдени во Македонија

11.01.2015 17:30

На средбата двајцата премиери искажале подготвеност за иницирање на постапка за потпишување договори за економска соработка, за соработка во земјоделието и во областа на културата. Груевски ќе оствари средби и со претставници на повеќе глобални компании...

Индиските компании се добредојдени за инвестирање во државава. Ова денеска македонскиот премиер го потенцирал на средбата со индискиот колега Нарендра Моди.

Двајцата премиери констатирале дека добрите политички и економски односи меѓу двете земји дополнително придонесуваат за зајакнување на пријателството меѓу двете држави. Груевски го покани Моди во наредниот период да ја посети Македонија. Индискиот премиер изразил задоволство што двете земји имаат интерес за продлабочување на соработката.

На средбата двајцата премиери искажале подготвеност за иницирање на постапка за потпишување договори за економска соработка, за соработка во земјоделието и во областа на културата. Груевски ќе оствари средби и со претставници на повеќе глобални компании.

„Најмногу од средбите ќе бидат во попладневниот дел, токму сега заминувам на една средба каде што ќе бидат присутни неколку стотици претседатели на глобални компании“, изјави премиерот Груевски.

На маргините на глобалниот Самит, Груевски имаше билатерални средби и разговори со државниот сектретар на САД, Џон Кери, генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, како и со Анандибел Пател, премиерот на индиската држава Гуџерат која е домаќин на денешниот самит.

Македонскиот премиер денеска разговарал и со претседателот на Светската банка со кого ја констатирал одличната меѓусебна соработка која постои во однос на реализација на повеќе актуелни проекти.

 

Сунчица Николовска