Полицијата во четири одвоени случаи откри 39 мигранти
Еден од спроведувачите се обидел да избега, но за кратко бил запрен и уапсен. Заработил и 30 дена притвор...

На автопатот Гевгелија-Скопје полицијата открила 39 мигранти од Авганистан, Сирија, Судан и Пакистан. Четворица биле малолетни. Фатени се во четири одделни обиди за криумчарење. Во три од случаите лица од Скопје се обиделе да ги пренесат до одредена локација, од каде би го продолжиле патот до посакуваната дестинација. Еден од спроведувачите се обидел да избега, но за кратко бил запрен и уапсен. Заработил и 30 дена притвор.
„39-те мигранти кои се предмет на 4-те кривични дела се сместени во прифатниот центар за странци во Гази Баба. Ние ги држиме овие мигранти бидејќи има кривична постапка во која тие се сведоци“, изјави Марија Јаковлеска – портпарол на МВР.
Во четвртиот случај криумчарењето на 6-мина авганистанци - мигранти се обиделе да го направат двајца грци.Заработија по 30 дневен притвор.
МВР во текот на 2014 година поднело 72 кривични пријави за криумчарење мигранти, со што биле опфатени 141 сторител.
Над 500 илегални мигранти кои биле фатени на дело од полицијата поминале во прифатниот центар во текот на целата година. Поголема е бројката на вратени, и тоа од државите од каде што влегле во државата, а тоа најчесто била Грција.
Наташа Гркова-Петрушевска
