Најнеизвесни претседателски избори во Хрватска
Според анкетите двајцата кандидати имаат речиси иста поддршка од граѓаните. Во првиот круг што се одржа непосредно пред Нова Година, Јосиповиќ освои 38,46 насто од гласовите, а поранешната шефица на хрватската дипломатија Грабар 37,22 проценти...

3,8 милиони граѓани со право на глас во втор круг го избираат новиот шеф на Хрватската држава, кој треба да ја води земјата во следните пет години. Во трка се Иво Јосиповиќ досегашниот претседател и кандидат на владеачките социјалдемократи и Колинда Грабар-Китаровиќ, член на ХДЗ. Според првичните информации, излезноста е поголема во однос на првиот круг. Државната изборна комисија соопшти дека изборите се одржуваат во мирна и демократска атмосфера.
„Секако очекувам победа. Веќе гласав и очекувам и граѓаните да го искористат своето право на глас. Нека гласаат за оној за кој сметаат дека е подобар“, изјави Иво Јосиповиќ, кандидат за претседател.
„Верувам во мојата победа и верувам дека граѓаните ќе гласаат за промени и за подобра Хрватска. За социјална стабилност, економски раст и ОПРЕДЕЛБАТА младите да останат во земјава“, рече Колинда Грабар-Китановиќ, кандидат за претседател.
Според анкетите двајцата кандидати имаат речиси иста поддршка од граѓаните. Во првиот круг што се одржа непосредно пред Нова Година, Јосиповиќ освои 38,46 насто од гласовите, а поранешната шефица на хрватската дипломатија Грабар 37,22 проценти. Аналитичарите велат дека ова се најнеизвесни претседателски избори во Хрватска.
„Морам да гласам тоа е моја обврска, но сакам да имам претседател што јас сум го избрала... Овие избори треба да не турнат напред, а не назад“, велат гласачите.
Гласањето за нов претседател на Хрватска се одржува и во 50 држави на 92 избирачки места. Вториот круг избори се одржува во услови на зголемено незадоволство на граѓаните од економската криза во земјата, што трае веќе шест години.
Марија Петковска
