Алпско скијање

Прва победа на Грос

11.01.2015 18:36

Трка за долго паметење се одвиваше на патеката во познатиот швајцарски зимски центар. Тоа беше вистински слалом-рулет!

Стефано Грос е новото име на листата на победници во трките од Светскиот скијачки куп. Дека никогаш не е доцна за спортска радост денеска потврди 28-годишниот италијански скијач. Драматичниот танц меѓу вратите во Аделбоден заврши со неизмерна радост на Грос, со негов прв триумф во кариерата во Светскиот куп.
 
Трка за долго паметење се одвиваше на патеката во познатиот швајцарски зимски центар. Тоа беше вистински слалом-рулет! Грос, петти по првото возење постигна вкупно време од 1:56.70. Германецот Фриц Допфер не го издржа психолошкиот притисок.
 
Иако во втората трка стартуваше од лидерската позиција со една секунда предност, на крај беше втор со заостанување од  две стотинки. Австриецот Марсел Хиршер остана  трет со само 3 стотинки послаб резултат! Хиршер не успеа да ја продолжи својата победничка серија во трките за Светскиот куп, но по Аделбоден ја зголеми предноста во генерален пласман со 776 бодови, пред Норвежанецот Јансруд со 624 и Германецот Нојројтер со 442 бода.
 
Најдобрите светски скијачи и натаму остануваат во швајцарските Алпи. Следниот викенд ќе излезат на патеката во Венген..