Хрватска доби прва жена- претседател

12.01.2015 08:19

Својата победа, Грабар-Китаровиќ ја извојува во тесна трка со досегашниот шеф на државата Иво Јосиповиќ, освојувајќи нешто над 50 отсто од гласовите...

Колинда Грабар-Китаровиќ победи во вчерашниот втор круг од хрватските претседателски избори и стана првата жена-претседател на Хрватска.

Својата победа, Грабар-Китаровиќ ја извојува во тесна трка со досегашниот шеф на државата Иво Јосиповиќ, освојувајќи нешто над 50 отсто од гласовите.

За Јосиповиќ гласаа 49 отсто од хрватските гласачи. Доцна синоќа, кога стана јасно дека неговата политичка противничка ја мина границата од добиените 50 отсто од гласовите, тој го призна поразот и ја честиташе победата.

Овие претседателски избори беа главниот тест за рејтингот и позициите на двете главни политички партии во земјата пред парламентарните избори, што се предвидува да се одржат кон крајот на оваа година.

Новата претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ (46) на изборите беше кандидат на опозциската Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Таа е член на оваа десноцентристичка партија и е поранешен министер за надворешни работи. Грабар-Китаровиќ беше и помошник на генералниот секретар на НАТО.