Можностите за инвестирање во Македонија ќе бидат претставени на бизнис-форум во Ченаи

12.01.2015 08:49

На бизнис-форумот во Ченаи ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Република Македонија...

Премиерот Никола Груевски, кој предводи владина делегација во економско-политичка посета на Индија, денеска ќе го посети градот Ченаи, каде на бизнис-форум ќе ги претстави можностите за инвестирање во Република Македонија.
 
Во состав на владина делегација се министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.
 
Премиерот Груевски вчера учествуваше и се обрати на отворањето на глобалниот престижен самит „Вибрант Гуџерат” што до вторник се одржува во Ахмадабад, Република Индија. Пред учесниците - светски политички и економски лидери, академици и експерти, тој подвлече дека во последните години во Македонија особен фокус е даден на овозможување добра бизнис клима, инвестирање во инфраструктурата, поддршка и силни реформи во образованието, и администрацијата и поддршка на иновациите, технолошкиот развој и владеењето на правото.
 
Шефот на Владата на маргините на глобалниот самит во Ахмедабад, се сретна со неговиот индиски колега Нарендра Моди и порача дека индиските компании се добредојдени да инвестираат во технолошко-индустриските зони во Македонија.