Сообраќајот во зимски услови, по влажни коловози
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација...

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива во зимски услови по влажни коловози, наместа остатоци од кашест снег. Укината е забрната за тешки товарни возила на планинскиот премин Стража, информира АМСМ.
Доколку има нов бран врнежи од снег низ државата во текот на денов, како што беше најавено, координативното тело на Министерството за транспорт и врски донесе нови мерки и доколку снегот е со голем интензитет ќе се воведе забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на патните правци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
