Колинда Грабар Китаровиќ - прва жена претседател во историјата на Хрватска
Во својот победнички говор таа порача дека нема да му дозволи никому да каже дека Хрватска нема да биде просперитетна и богата, туку дека ќе биде меѓу најразвиените земји членки на ЕУ...

Хрватска го доби првиот претседател жена во историјата на земјата. Колинда Грабар Китаровиќ во исклучително тесна трка го победи својот противкандидат, досегашниот претседател на земјата Иво Јосиповиќ со освоени 50, 54 проценти од гласовите.
Во својот победнички говор таа порача дека нема да му дозволи никому да каже дека Хрватска нема да биде просперитетна и богата, туку дека ќе биде меѓу најразвиените земји членки на ЕУ.
„Драги пријатели, ова е прекрасна вечер, но нема место за триумфализам. Има место за веселба и за радост, но работа не чека. Не утре, туку уште вечерва. Уште вечерва ќе почнеме да работиме за подобрување на нашата мила Хрватска татковина“, рече Колинда Грабар Китаровиќ, ХДЗ.
Второрангираниот Јосиповиќ го призна поразот и и честиташе на Китаровиќ на изборната победа.
„Вистина е, разликата меѓу нас е многу мала, но тоа во е суштината на демократијата, односно оној што ќе добие повеќе гласови ја носи победата. Ви се заблагодарувам на сите коишто во овие пет години ми помагаа да бидам, верувам успешен претседател на Република Хрватска“, рече Иво Јосиповиќ, СДП.
Китаровиќ го критикуваше нејзиниот претходник Јосиповиќ дека не сторил ништо за да го запре економскиот пад на земјата. Хрватска и се приклучи на Европската Унија во 2013 година, но нејзината економија останува една од најслабите во Унијата со невработеност од скоро 20 насто и со предвиден раст за годинава од само 0,5 проценти, што според медиумите е причина за успехот на опозицискиот кандидат на изборите.
Новата претседателката функцијата ќе ја преземе на 16 февруари, а претходно ќе мора да се откаже од членството во ХДЗ.
Марина Автовска
