Откупот на тутун во велешкиот регион се одвива според предвидената динамика
Измина првиот од планираните три месеци за откуп на жолтото македонско злато. Засега сѐ се одвива без проблеми. Тутунарите годинава за прв пат тутунот го предаваат по однапред утврден термин. За повеќето од ваквиот начин на работа е подобар. Во Велес тутун откупуваат три компании...

Без метеж засега се откупува жолтото злато во Велес. Точните термини кои тутунопроизводителите ги добија од компанијата со која склучиле договор е причина сликите на долги редици и нервозни тутунопроизводители да биде минато.
„Кога беше монопол по три дена тутунот стоеше таму, а сега нема, си го знаеш датумот ќе си го средиш и си одиш.“
„Не чекаме, по цел ден не сме тука, си го знаеш редот, местото, времето така да подобро е.“
„Тутунот не бара термин, тој бара време, денеска можеш да го работиш и денеска треба да го сработиш“, велат анкетираните тутунари.
И тутунарите и откупувачите се сложуваат, годинешниот род е со послаб квалитет. Ретко родот се ценел како прва класа, вели Петра Стаменовска, која половина од произведеното веќе го продаде.
„Па добро втора класа повеќето, тројка многу малку, задоволна сум од тутунот што ми беше“, рече Петра Стаменовска, тутунопроизводител.
Откуп на тутун оваа година во велешко имаат три компании.
Во првите триесет дена откупот на тутунот во велешкиот регион се одвива според планираната динамика, информираат од Државниот инспекторат за земјоделие.
Според направените договори, годинава велешките тутунопроизводители треба да предадат околу 1.700 тони жолто злато.
Откупувачите велат, количествата се приближно исти како и во претходните години.
Дијана Иванова
