Над 500 вработени од Тутунски Комбинат- Прилеп заминуваат доброволно
Голем интерес за доброволните пакети во прилепскиот Тутунски комбинат. 535 вработени од 580 пријавени веќе заминуваат од комбинатот со отпремнини до 15.000 евра. Синдикатот активно вклучен во процесот. Списоците стигнаа во Агенцијата за врабоитување. За менаџментот брзо се ефектуира стратегиското партнерство со Филип Морис...

Прилепскиот тутунски комбинат и реално почна да ја спроведува програмата за реструктуирање. 535 вработени веќе се на конечниот список и заминуваат од компанијата. Тие доброволно се пријавија, а ќе добијат максимални отпремнини до 15.000 евра. Синдикатот активно беше вклучен во процесот.
„Значи, околу 28 февруари да заврши, да добиеме отказни решенија сите ние кои се пријавивме. На денот на заминувањето треба да бидат исплатени и договорените суми со вработените“, вели Димитар Ѓорчулески, претседател на Синдикатот во тутунскиот комбинат.
Списоците и програмата стигнаа во Агенцијата за вработување.
„На првите состаноци се разговараше да си одат постарите, но потоа дојдовме до сознанија дека има и помлади вработени кои се заинтересирани да си одат, кои можеби имаат и приватни бизниси, сакаат да земат некој денар и да заминат технолошки вишок“, објаснува Ѓорчулески.
Ова е дел од стратегиското партнерство со светскиот бренд Филип Морис. Според менаџментот, компанијата многу побрзо од очекуваното ќе стигне до позитивна нула.
„Ако оперативната загуба била околу 4 милиони евра, практично, само со ова ние ќе дојдеме на позитивна нула. Нормално, на ова би ги додале позитивните очекувања од стратегиското партнерство за зголемување на обемот на производството и сигурниот пласман на тутун, што, исто така, ни го обезбеди стратегиското партнерство. Навистина очекуваме подобри денови“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на прилепскиот Тутунски комбинат.
Во меѓувреме ефективно работи заедничката фирма на комбинатот и на Филип Морис за производство и пласман на цигарите. Обезбедени се и парите за исплата на тутунот.
Елизабета Митреска
