Фудбал

Роналдо, Меси или Нојер со „Златната топка“?

12.01.2015 11:56

Кој од овие тројца великани на фудбалската 2014 година ќе биде прогласен за човек на годината? Избор тежок, неблагодарен кога би решавал поединец или мала група. Во случајов гласаат фудбалски најкомпетентните: селекторите и капитените...

Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Мануел Нојер се пред целната линија! Чие лице вечер во Цирих ќе биде осветлено со сјајот на „Златната топка“? Кој од овие тројца великани на фудбалската 2014 година ќе биде прогласен за човек  на годината? Избор тежок, неблагодарен кога би решавал поединец или мала група. Во случајов гласаат фудбалски најкомпетентните:селекторите и капитените.

Проценките велат  Кристијано Роналдо е благ фаворит одново да ги освои почестите.. Бројките се на негова страна: 52 постигнати гола на 43 натпревари од официјален карактер и уште  17 асистенции. Тој беше редводникот на Реал Мадрид во освојувањето на десеттата европска  клупска круна. Меси е со сличен, импресивен учинок.Со 43 голови на 53 натпревари и со ист број на асистенции како и Роналдо. Финалето на Маракана беше највисокиот дострел на Меси во дресот на Аргентина, а МВП трофејот сатисфакција за  неговиот учинок на Мундијалот.Нешто што Роналдо го немаше во изминатата година. И конечно Мануел Нојер.

Ќе биде ли првиот лауреат од во вакви пригоди неоправдано  запоставуваниот  голмански свет. Нојер е само вториот голман, после славниот негов сонародник и претходник Оливер Кан, кој станал дел од завршното трио во трката за „Златната топка“. Беше фантастичен во дресот на Баерн, беше ненадминливата последна бариера на германскиот гол во Бразил, златниот мундијалски медал е негов силен адут. Во изминатите шест години „Златната топка“ наизменично шета во нозете на двајцата гол-магионичари: четири пати ја имаше Меси во посед, два пати Роналдо. Тој мечтае да ја задржи, Меси да ја врати , а Нојер да  ја разбие оваа фама.