Одбележана 7-годишнината од несреќата на армискиот хеликоптер

12.01.2015 14:48

Семејствата на загинатите мировници не прифаќаат дека главната причина за паѓањето на хеликоптерот МИ-17 е необученоста на пилотите за летање во сложени метеоролошки услови. Од јавниот обвинител Зврлевски бараат нова истрага...

Во Катлановско Блаце, на местото каде што пред седум години се случи хеликоптерската несреќа, во којашто загинаа 11-мина македонски мировници, венци и цвеќиња положија најблиските на загинатите, делегација од Министерството за одбрана, од Генералштабот и од Воздухопловната бригада. Почит и минута молчење за македонските мировници од нивните колеги и пред споменикот во касарната „Страшо Пинџур“ на воениот аеродром.

Семејствата на загинатите мировници не прифаќаат дека главната причина за паѓањето на хеликоптерот МИ-17 е необученоста на пилотите за летање во сложени метеоролошки услови. Од јавниот обвинител Зврлевски бараат нова истрага.

„Имаме поднесено барање до јавниот обвинител дали ќе ја продолжи истрагата или ќе ја затвори. Ако ја затвори ние ќе ја отвориме. Имаме докази, имаме виновници“, вели Стојан Спасовски, татко на Бране Спасовски.

„Не сме задоволни, затоа што истрага не се спроведе. Предистражната постапка е прекината. Случајот го затворија со резолуција и за нас таа работа е несфатлива. Загинаа 11 луѓе, а никој во државата да не одговара или никој да не каже како тоа се случи, е несфатливо“, изјави Бранко Ѓорески, татко на Игор Ѓорески.

Тогашниот обвинител Шврговски побара независна истрага за причините за несреќата. Беше ангажиран и британскиот експерт Едвард Пули. Во конечниот извештај стоеше дека и покрај многубројните посочени пропусти на Армијата и на контролата на летање, необученоста на пилотите за летање во лоши временски услови е главната причина за несреќата. Врз основа на тоа, Јавното обвинителство за никого не покрена кривична одговорност.

 

Милчо Велески