Горивата со рекордно ниски цени, ќе поевтинат ли и останатите производи?!
Од полноќ, горивата со пониски цени. Бензините и дизелот поевтинуваат за денар и половина. Граѓаните тријат раце, бараат пониски цени и на другите производи. Компаниите ги прават пресметките...

Од полноќ цените на бензините и на дизелот пониски за 1,5 денари. Желбите на граѓаните да возат поевтино почнуваат да се остваруваат. Изминативе шест месеци домашните горива поевтинија за повеќе од 25 отсто.
Автомобилите во Македонија просечно трошат околу 10 литри бензин на 100 километри. Пресметките покажуваат дека со секои изминати 100 километри, трошоците за бензин се помали за 200 денари.
Поевтините нафтени деривати го заштедија домашниот буџет, но граѓаните се надеваат на пад на цените и на другите производи и услуги.
„Добро би било, но треба уште да паѓаат цените... Да, добро би било да се намалат и другите производи како лебот и млекото“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Секторите зависни од црното злато веќе чувствуваат бенефит, оценува бизнис заедницата.
„Во проекциите за 2015-та година, одредени компании веќе прават калкулации, за да видат дали може да дојде до одредено намалување на цените, со цел да бидат поконкурентни на пазарот“, вели Митко Алексов, ССК.
Раце тријат и транспортерите, но и таксистите. Велат дека им се намалиле трошоците, но засега не размислуваат за поевтинување на услугите.
„Дали растела или паѓала цената на нафтата, не сме во таква спрега како што сме зависни од понудата на стока за превоз или немање на стока за превоз, бидејќи е од сезонски карактер“, објаснува Билјана Муратовска, Макам тарнс.
„За нас поволно е во секој случај... И кога беше нафтата 70 денари тогаш никој не реагираше да се поскапи такси превозот, сега ќе видиме како ќе биде, не се знае“, велат дел од таксистите.
Цената на црното злато во изминатиов период бележи вртоглав пад. За првпат во последниве пет и пол години нафтата на светските берзи падна под 50 долари за барел.
Тоне цената на нафтата, поевтинуваат и домашните горива, но другите цени се уште не се корегираат. Се очекува оние компании кои имаат најмногу корист од падот на црното злато први да ги спуштат цените на производите.
Сунчица Николовска
