Расте интересот на граѓаните за „Купи куќа, купи стан“
Од денеска во Министерството за финансии е отворена канцеларија за проектот „Купи куќа, купи стан“. Ќе работи секој ден, од 10 до 15 часот. Граѓаните ќе можат да се информираат за деталите за учество во проектот и за тоа, како да дојдат до субвенција и до 14 илјади евра, неповратни пари...

Голем е интересот на граѓаните за проектот „Купи куќа, купи стан“. Дваесетмина со нерешено станбено прашање од изутрината се информирале за субвенционирани домови во новата Канцеларија која почна денеска со работа.
„Ние ќе посредуваме и ќе им помагаме и во контактите со банките, каде има станови што се под 900 евра, бидејќи имаме информации од сите градежни компании каде има такви слободни станови и се друго што може да ги интересира граѓаните за полесно да ја донесат одлуката. И информативно и советодавно, оваа канцеларија ги пружа сите услуги за граѓаните, па сметам дека интересот ќе биде голем и во следниот период“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Субвенциите може да достигнат и до 14.000 евра неповратни пари за станови кои се продаваат по цена до 900 евра за метар квадратен и плацеви за изградба на куќа. Канцеларијата е сместена во министерството за финансии, а ќе работи секој ден од 10 до 15 часот.
Владата преку исплата на 50 или 75 отсто од ратата или учеството на станбениот кредит им помага на граѓаните да обезбедат простор за живеење. Досега, повеќе од 350 семејства ја искористија оваа можност.
Анита Димитријевска
