Безбедносната состојба во Нигерија е сѐ покревка

12.01.2015 16:37

Војската немоќна да се справи со екстремистите, побара поддршка од меѓународната заедница. Потпаролката на Стејт департментот го осуди нападот и повика да се преземат сите мерки за да се застане на патот на Боко Харам...

Уште еден ден поминат во страв и во очекување на нов напад од екстремистите од Боко Харам. Граѓаните на Нигерија ги минуваат најтешките денови, по минатонеделниот масакар кога 2.000 луѓе го загубија животот во еден од најкрвавите напади на Боко Харам. Хаосот кој владее во земјата секојдневно е се подлабок, а безбедносната состојба покревка.

„Се чувствуваме како да не сме Нигеријци. Владата не презема ништо за да престане насилството со кое се соочуваме секојдневно. Мислам дека целата меѓународна заедница не заборави“, вели еден жител.  

Војската немоќна да се справи со екстремистите, побара поддршка од меѓународната заедница. Потпаролката на Стејт департментот го осуди нападот и повика да се преземат сите мерки за да се застане на патот на Боко Харам.

„Меѓународната заедница не може да ги толерира нападите на Боко Харам и теоророт кој го прават врз цивилното население. Нападите мора веднаш да престанат“, изјави Бан Ку Мун, генерален секретар на ОН.

Војската нема соодветно оружје за да се справи со технолошки добро подготвените екстремисти, дел од војниците одбиваат да им се спротивстават на бунтовниците, соопшти потпаролот на нигериската војска Крис Олуколанд.

Познавачите на состојбата во земјата велат дека во пресрет на изборите кои се закажани за 14 ти февруари, политичарите ги злоупотребуваат екстремистите за постигнување на политички поени. Од 2009 година, откако почна конфликтот, повеќе од 13.000 луѓе го загубиле животот, повеќе од милион се раселени во соседните држави.

Нигериската војска во повеќе наврати беше критикувана поради неуспехот да му стави крај на шестгодишниот бунт, но и поради обвинувањата за прекршување на човековите права.

Марија Петковска