Професорите кои се за реформи во високото образование бараат прием кај претседателот Иванов

12.01.2015 16:58

Професорите од граѓанската иницијатива за поддршка на реформите во високото образование побараа прием кај претседателот Иванов. Сметаат дека образовните процеси во Македонија треба да ги следат европските текови и дека затоа треба да се подигне квалитетот во високото образование...

Прием кај претседателот Иванов бараат професорите од Граѓанската иницијатива за поддршка на реформите во високото образование. Целта е да го запознаат со нивните активности и ставови за измените на Законот за високото образование кои во втора фаза поминаа во матичната Собраниска комисија. Во писмено барање до шефот на државата со уверување дека:

„Како претседател, но и како универзитетски професор, веруваме во потребата  за поквалитетно високо образование во земјата, во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.“

Сметаат дека високото образование во Македонија  мора да ги следи европските и светските трендови и практики за квалитет, да биде компатибилно со новите знаења. Посочуваат дека нивните заложби за реформирање на високо образовниот систем се резултат на потребата за зголемување на  квалитетот, за поголемо учество на професорите во креирањето на европската и светската научна мисла, учество во научно- истражувачките проекти надвор од земјата, мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор.

„Како одговорни професори сметаме дека овој клучен предизвик не е само наше право, туку и наша голема обврска. Длабоко веруваме во стратешки поставената врвна цел на ЕУ, создавање Европа базирана на знаење, а во таа смисла и Република Македонија базирана на знаење. Знаењето е клучната сила што го движи светот напред, како и клучната сила што ќе ја движи Република Македонија напред“, велат професорите.

Крајно време е целата македонска академска заедница да се обедини во насока на реализирање на оваа мисија, стои во барањето на професорите, упатено до претседателот Ѓорге Иванов. 

Во последниве денови Иницијатаивата за реформи во високото образование станува се помасовна. Групи на професори го ставија својот потпис како поддршка за подобрување на квалитетот на образованието.

 

Наташа Гркова-Петрушевска