За здраво поколение, јод и фолна киселина бесплатно за бремените жени
Патронажни сестри на бремените жени бесплатно ќе им носат дома таблети со јод и фолна киселина, неопходни за правилен развој на плодот. Министерството за здравство од март ќе го спроведе превентивниот проект за здраво поколение...

Министерството за здравство ќе обезбеди бесплатни таблети за фолна киселина и јод за бремените жени до 13-та гестациска недела. Тие се неопходни за правилен развој на плодот и за спречување психофизички недостатоци.
Стручњаците утврдиле дека 70% од дефектите кај плодот може да се избегнат со овие додатоци на исхраната.
„Недостатокот на јод во организмот за време на бременоста може да предизвика сериозни пореметувања во развојот на мозокот на фетусот со ментална ретардација и намалување на коефициентот на интелигенција кај новороденчето, додека недоволниот внес на фолна киселина може да предизвика дефекти во развојот на невралната туба“, појасни министерот за здравство, Никола Тодоров.
Патронажните сестри таблетите ќе им ги носат дома и ќе ги советуваат бремените жени. Евиденција ќе се обезбеди преку електронската мајчина книшка.Кога матичниот гинеколог ќе ја заведе бремената жена, Здравствените домови ќе ги имаат податоците и ќе ги набават овие суплементи.
Проектот почнува од средината на март, а ресорното министерство преку превентивните програми обезбедило 12 милиони денари за приближно 23 илјади бремени жени годишно.
Соња Стојановска
