Можностите за инвестирање во Македонија претставени на бизнис форум во Ченаи

12.01.2015 17:30

Градот Ченаи е најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија, каде главниот акцент е развојот на автомобилската индустрија, како и градежништвото, информатичката технологија...

Политичари, дипломати, бизнисмени кои раководат со моќни, глобални компании се на средба во Индија, во рамките на престижниот самит, „Вибранд гуџерат“. Бараат начини за поголема соработка и нови инвестиции. Македонската делегација ја предводи премиерот Груевски. Испрати покана до индиските бизнисмени да инвестираат во земјава. Инвестициските можности претставени и во Ченаи на бизнис – форум.

„Ние сме Влада која е многу ориентирана кон бизнисот, ориентирана да помогне на бизнисот, пријателска кон бизнисот. Многу е лесно да не контактирате ако нешто не е во ред, ако има некои проблеми, лесно може да дојдете до некој директор на државна институција, министер па и до премиерот. Ако дојдете во земјата и посетите некоја од странските компании, тие ќе потврдат ова“, изјави премиерот Никола Груевски пред индиските бизнисмени.

Груевски додава дека Македонија е број еден во Европа според услугите на централниот регистар и 6-ти во светот.

„Пред 12 години немавме Централен регистар. Тогаш како министер за финансии добив мандат од тогашниот премиер да формираме Централен регистар. Во тоа време Норвешкиот беше најдобар. Бевме таму, видовме како функционира, поканивме еден советник од Норвешка. Сега 12 години подоцна Македонија има најдобар Централен регистар во Европа, подобар и од Норвешка“, нагласува премиерот Груевски.

Градот Ченаи е најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија, каде главниот акцент е развојот на автомобилската индустрија, како и градежништвото, информатичката  технологија, филмската индустрија, а со БДП од 66 билиони долари е на листата на 10 најбрзо растечки градови во Индија.