Индиските бизнисмени фасцинирани од поволностите за бизнис во Македонија

12.01.2015 18:35

Премиерот Груевски испрати покана до индиските бизнисмени да инвестираат во земјава. Инвестициските можности претставени во Ченаи на бизнис – форум...

Владиното роуд шоу на бизнис форум во Ченаи, најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија. Инвестициските можности претставени пред компании од автомобилската индустрија, градежништвото, информатичката технологија и филмската индустрија.

„Ние сме Влада која е многу ориентирана кон бизнисот, ориентирана да помогне на бизнисот, пријателска кон бизнисот. Многу е лесно да не контактирате ако нешто не е во ред, ако има некои проблеми, лесно може да дојдете до некој директор на државна институција, министер па и до премиерот. Ако дојдете во земјата и посетите некоја од странските компании, тие ќе потврдат ова“, изјави премиерот Никола Груевски пред индиските бизнисмени.

Груевски истакна- државата инвестира во отворени слободни економски зони каде што секој инвеститор во првите 10 години е ослободен од плаќање на данок на добивка и персонален данок. Посочи и дека во насока на понатамошна либерализација на движењето на капиталот се овозможи странски државјани слободно и директно да купуваат недвижности и градежно земјиште. Го посочи напредокот во реформата на Централниот регистар.

„Пред 12 години немавме Централен регистар. Тогаш како министер за финансии добив мандат од тогашниот премиер да формираме Централен регистар. Во тоа време Норвешкиот беше најдобар. Бевме таму, видовме како функционира, поканивме еден советник од Норвешка. Сега 12 години подоцна Македонија има најдобар Централен регистар во Европа, подобар и од Норвешка“, нагласува премиерот Груевски.

Директорот на „Тејлор Рабер Груп“ и претседавач со Индискиот национален совет на индустријата, Тетра Ашок задоволен од бизнис презентацијата, фасциниран е од поволностите кои се нудат за бизнис во Македонија и бенифициите за странските компании.

„Главната работа која што е суштинска за бизнисот е што Македонија може да биде база од која ќе се стигне до 650 милионскиот пазар во цела Европа. Многу е направено од премиерот и Владата, за Македонија да биде потенцијално место за инвестирање во повеќе сектори“, изјави Ашок.

Освен можноста за изградба на нови објекти за производство, во Македонија може да се понудат на индиските инвеститори и  и готови простори  кои можат да се адаптираат за браунфилд инвестиции.

„Можеме да најдеме празни фабрики и тие да бидат отстапени под поволни услови, што е добра предност. Некои компании како Џонсон Контролс од САД одлучија да отворат нова фабрика и наместо да имаат застој во производството тие се лоцираа во една од празните фабрики и додека се градеше новиот капацитет тие беа во можност да донесат опрема, да вработат работници и направат обуки“, изјави министерот Џери Наумоф пред индиските бизнисмени.

Претходно македонската владина делегација учествувашше на престижниот  глобален бизнис самит во Ахмедабат, каде присуствуваа над 7.000 политичари и менаџери на светски компании. Следуваат  бизнис форумите во Калкута и Џајпур.

 

Миле А. Ристески