ФИФА ги прогласи најдобрите за 2014

Златната топка за Кристијано Роналдо

12.01.2015 21:12

Преку гласовите на селекторите и на капитените на сите фудбалски репрезентации, Роналдо доби официјална почест за заслугите со коишто придонесе за десеттата европска титула на Реал...

Фудбалскиот свет го доби лауреатот за 2014. За годината во којашто Германија стана репрезентативен светски шампион, а Реал Мадрид европски клупски првак, Кристијано Роналдо од „кралскиот“ клуб ја доби „Златната топка“ од ФИФА. На свечениот церемонијал во Цирих нему вторпат по ред, а вкупно третпат во кариерата му беше врачено признанието за најдобар на планетата во една календарска година.

Преку гласовите на селекторите и на капитените на сите фудбалски репрезентации, Роналдо доби официјална почест за заслугите со коишто придонесе за десеттата европска титула на Реал. Иако математички можеби сличен, неговиот ефект доби поголема валоризација отколку дострелите на Лионел Меси, којшто не освои ниту еден пехар со Барселона, но беше прогласен за МВП на Светското Првенство во Бразил, каде што со Аргентина стигна до финалето. Таму го положи оружјето пред Германија, на чијшто гол стоеше Мануел Нојер. Чуварот на мрежата на „панцерите“ и на Баерн беше во триото номинирани за престижната награда, но сепак не стана првиот голман воопшто досега којшто бил прогласен за најдобар на официјалните манифестации на ФИФА.

Германската репрезентативка Надин Кеслер од европскиот првак Волфсбург го доби признанието за најдобра фудбалерка на 2014. Мундијалско злато од Бразил пресуди што за тренер на годината беше избран германскиот селектор Јоаким Лев, во конкуренција уште и на Карло Анчелоти од Реал и на Диего Симеоне од Атлетико Мадрид.

Пушкаш наградата за најубав гол на годината ја доби Колумбиецот Хамес Родригез, стрелец на прекрасниот погодок со волеј-удар од далечина на осминафиналето против Уругвај на СП во Бразил.

Во ФИФПРО дрим-тимот на годината се најдоа: Нојер – Рамос, Луиз, Силва, Лам – Крос, Ди Марија, Иниеста – Робен, Роналдо, Меси.