Се продаваат седум парцели кај езерото Младост за изградба на хотели и мотели
Близината до Велес, автопатската делница Скопје- Гевгелија и природната убавина го прават атрактивно ова излетничко место...

Ќе биде ли доволно примамлива ниската цена и оваа убавина за домашни или странски инвеститори да инвестираат во изградба на мотели и хотели на езерото Младост кај Велес, ќе се знае до крајот на овој месец. Седум парцели се ставени на продажба. На пет е предвидена градба на мотели, додека на две парцели- хотели. Во продажбата на парцелите Општината гледа можност за јакнење на локалната економија.
„Развој на стопанството и можност за отворање на нови работни места, тоа значи јакнење на фирмите и подигнување на стандардот на граѓаните“, смета Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Близината до Велес, автопатската делница Скопје- Гевгелија и природната убавина го прават атрактивно ова излетничко место.
Транзитниот туризам на езерото Младост го развиваат еден мотел, еден хотел и еден ресторан. Очекувањата се дека во наредните неколку години оваа бројка драстично ќе се промени.
Новата урбанизација и изградба на комплекс од мотели и хотели на Младост за туристичките работници ќе значи можност за поквалитетна туристичка понуда.
„За нас многу ќе значи да имаме поголеми сместувачки капацитети за да можеме да донесеме туристи и да ги задржиме подолго време, со тоа што ќе си направиме и пакети со разгледување на целата околина, посета на манастири и цркви, постеа на Стоби, посета на главниот град Скопје“, изјави Елизабета Давиткова, ТА „Мартин“.
И додека се очекува епилогот од јавната продажба на седумте парцели, локалната власт забрзано работи на проектот „риболовен туризам“. Наскоро на езерото ќе започне изградба на стази за крапски риболов.
Дијана Иванова
