Се зајакнуваат армиските капацитети

Објавен оглас за прием на 125 професионални војници

13.01.2015 12:24

Министерството за одбрана објави оглас за прием на 125 професионални војници. Се најавува зајакнување на армиските капацитети, со вработување на уште 125 професионални војници наесен. Претходно беше целосно решен статусот на професионалните војници, на кои договорот за вработување во АРМ им заврши на 35 години старост...

125 професионални војници ќе добие армијата. Според јавниот оглас, приемот на кандидатите ќе се одвива во четири фази. Првата за проверка на документацијата, втората фаза на здравствени прегледи и третата во која ќе бидат подложени на општо образовно тестирање, како и на проверка на физичката подготвеност. Сите три ќе бидат елиминациони фази.

„Сите оние кандидати кои ќе ги поминат овие три фази, продолжуваат на четвртата фаза, тоа е т.н. селективен курс којшто трае 24 дена. Се разбира, дел од кандидатите ќе го поминат овој курс, дел не, а тие што ќе го поминат ќе одат во специјалните единици и на крај ќе се спроведува интервју“, изјави министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски.

Тоа ќе биде првиот дел од приемот на професионални војници во одбраната а ќе следува и друг за уште 125 кандидати во август годинава.

Ресорниот министер Јолевски, рече дека Република Македонија ги следи состојбите,  не само сега после терористичкиот акт во Франција, туку постојано заедно со своите сојузници и дека според анализите- земјава е безбедна.

 

Фиљана Кока